Бугарија доби нова влада

Бугарскиот парламент го потврди изборот на нова влада предводена од Росен Желјасков, предложен од коалицијата меѓу конзервативната партија на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов-ГЕРБ и социјалистичката БСП.

За Владата, која ќе биде составена од три партии, гласаа 125 пратеници, а против 114.

Партијата ГЕРБ успеа да постигне договор за коалиција оваа недела откако Борисов се повлече од премиерската функција. На негово место, владата ќе ја предводи поранешниот претседател на парламентот Росен Желјазков.

Претставувајќи го кабинетот во парламентот, Жељазков рече дека различните партии постигнале коалициски договор во тежок, динамичен и тензичен период, ставајќи ги настрана идеолошките и политичките разлики.

„Земјата веќе некое време е во политичка криза, криза на доверба“, додаде 56-годишниот адвокат, ветувајќи дека ќе ја надмине.

Коалицијата ја сочинуваат ГЕРБ, социјалистичката партија БСП и националистичката партија Има таков народ. Коалицијата има само 107 места во 240-члениот парламент, а партијата на етничките Турци ДПС (Демократија, права, слободи) со 19 пратеници ја поддржа коалицијата.

Според договорот, партијата Герб доби 11 министерства, БСП и ИТН по четири министерски места.

Предложени се тројца вицепремиери, Томислав Дончев од ГЕРБ, Атанас Зафиров од Бугарската социјалистичка партија и Гроздан Караџов од партијата „Има таков народ“,

На парламентарните избори во октомври најмногу гласови доби партијата ГЕРБ. Коалицијата Продолжување на промените – Демократска Бугарија (ПП-ДБ) го зазеде второто, а проруската партија Препород третото место. Шест други партии или сојузи го достигнаа прагот од четири проценти за влез во парламентот.

Октомвриските избори беа седми во Бугарија во последните четири години.