Бугарија: ЕППО истражува измама од повеќе милиони евра во врска со емисиите на стакленички гасови

– Европското јавно обвинителство (ЕППО) денеска во Софија, Бугарија,  спроведува десетици претреси и истражни мерки, во истрага за можна измама во врска со системот за тргување со емисии на ЕУ (ЕУ ЕТС), што довело до загуби од милиони евра за ЕУ и националните буџети, наведе ЕППО на својата веб страна.

Приватна компанија одговорна за верификација на емисиите на стакленички гасови на термоцентралите и топланите во Бугарија е под истрага поради наводно доставување фалсификувани извештаи до надлежните национални органи.

Според истрагата, од 2017 година до денес, компанијата свесно доставувала лажни податоци и документација за годишните извештаи за емисиите на стакленички гасови произведени од термоелектраните и топланите во Бугарија, со цел да ги прикаже нивните емисии помали од реалните.  

Врз основа на доказите, се проценува дека нереално декларираните емисии доставени до националните власти резултирале со загуби за ЕУ и за националните буџети од милиони евра, во неплатени износи за реално потрошените емисии на стакленички гасови. Дополнително, нереално пријавените емисии имаа влијание и врз квалитетот на воздухот во Бугарија.

Повеќе од 150 полицајци се вклучени во претресите, извршени во 11 бугарски градови, со соработка на бугарската Генерална дирекција за борба против организираниот криминал (ГДБОП) и бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС).

Веќе се извршени повеќе од 40 претреси, а сослушани се повеќе од 70 сведоци. Од страна на истражните службеници се одземени мобилни телефони, лаптопи и обемна документација поврзана со истрагата. Истражните активности се уште се во тек.

Европскиот систем за тргување со емисии е меѓу главните политики за намалување на климатските промени и е прв таков пазар во светот. Целта е да се обезбеди ефикасен механизам за намалување на загадувањето со стакленички гасови, објаснуваат од европското обвинителство.