Однесувањето на македонските власти е понижувачко и неприфатливо за бугарскиот народ, велат од бугарското Министерство за надворешни работи (МНР).
Тие реагираат за одбележувањето на 151 година од раѓањето на херојот Гоце Делчев.
„Министерството за надворешни работи го дефинира однесувањето на владата во Северна Македонија како понижувачко и неприфатливо кон бугарскиот народ и Република Бугарија“, стои во соопштението.
Според нив, се поткопуваат напорите за добрососедство.
„Дејствата на властите во Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата, и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во сложена ситуација иницира процес на деескалација и вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој го посети Скопје токму за таа цел на 30 јануари оваа година, како и неговата посета денес“, додаваат во соопштението.
Бидејќи падна системот на граничниот премин Деве Баир, поголем број бугарски граѓани не можеа, или се откажаа од патот кон Скопје.