БУРА ВО УНГАРСКАТА ВЛАДА: По претседателката, оставка даде и поранешната министерка за правда: „Ја преземам политичката одговорност за одлуката“

По веста дека унгарската претседателка Каталин Новак поднесе оставка, во таа одлука ја поддржа поранешната министерка за правда и пратеничка во унгарскиот парламент.

Имено, како што наведе Јудит Варга на својот Фејсбук профил, таа се одлучила на овој чекор бидејќи била на функцијата министерка за правда кога Каталин Новак го потпишала решението за помилување на лице осудено за прикривање на кривично дело извршено од сексуален насилник во дом за деца.

– Претседателката на Република Унгарија денеска поднесе оставка. Од промената на системот, за правосилноста на поединечната одлука на претседателот за помилување, потребен е ко-потпис на министерот за правда. Ја продолжив повеќе од 25-годишната пракса која министерот за правда ја препознава кога е во прашање одлуката на претседателот за помилување. Ја преземам политичката одговорност за потпишување на одлуката на претседателот – напиша Варга на својата сметка.

Таа додаде дека се повлекува од јавниот живот, се повлекува од пратеничкиот мандат и од водење на листата на ЕП.

Каталин Новак

Помилуван осуденик за соучесништво во педофилија

Потсетуваме, претседателката на Унгарија, Каталин Новак, денеска поднесе оставка, откако помилувала осуденик за прикривање злосторства извршени од сексуален насилник во дом за деца, пренесува „Ројтерс“.

Повеќе од 1.000 луѓе се собраа денеска во Будимпешта, барајќи оставка од Новак , близок соработник на премиерот Виктор Орбан, објави претходно бриселскиот портал „Политико“.

Иако беше добро познато дека Новак помилувала околу 20 лица пред посетата на папата Франциско на Унгарија во април 2023 година, неодамна беше откриено дека еден од луѓето кои користеле од оваа мерка бил заменик-директор на дом за деца осуден за покривање сексуален престапник кој малтретирал деца во таа институција.