„Дури и на доматите им треба пауза…не можеме да додадеме домати во нашата храна“, стои во известувањата залепени во два продажни места на Бургер Кинг во Индија, објаснувајќи ги причините за понискиот квалитет на оброците. Неколку продажни места на мултинационалниот ланец ресторани за брза храна Бургер Кинг во Индија ги отстранија доматите како додаток бидејќи цените се зголемија за повеќе од четири пати.
Ова е најновиот симптом на зголемената инфлација што силно ги погодува потрошувачите во најнаселената земја во светот.
„Не можеме да додадеме домати во нашата храна“, пишува во известувањето објавено во две продавници на индиски Бургер Кинг, пренесува Ројтерс.
Синџирот за хамбургери, еден од најголемите во Индија со речиси 400 продажни места, им се придружи на многу продавници на Мекдоналдс и Сабвеј во отстранувањето на доматите од менито поради инфлацијата, која го достигна највисокото ниво од јануари 2020 година во земјата оваа недела.
Американскиот ланец за сендвичи дури ги откажа и бесплатните парчиња сирење што ги нудеше со години.
Во меѓувреме, ривалот Domino’s се обиде да ги намали цените нудејќи пица од 0,60 долари, најниската цена во светот.
Кризата со снабдување со домати се совпадна со растот на цените за 450 отсто, бидејќи монсунските дождови ги нарушија земјоделските култури и синџирите на снабдување.
За да се справи со кризата со снабдување, Индија започна да увезува домати од Непал, организирајќи комбиња за дистрибуција на производите по пониски цени.