Бујар Османи: „Ги повикувам косовските власти да бидат во тесна соработка со евроатлантската заедница“
– Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, воедно и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, ги повика косовските власти да бидат во тесна соработка со евроатлантската заедница.
Говорејќи на прес-конференција во Струга, каде што се одржува Преспа форумот за дијалог (ФПД), Османи рече дека Северна Македонија внимателно ги следи настаните на северот на Косово.
Османи нагласи дека Северна Македонија има дополнителна обврска да придонесе за мирот и стабилноста во регионот, како членка на НАТО и како земја претседавач со ОБСЕ.
„Можам само од оваа позиција да ги повикам косовските власти да бидат во тесна соработка со евроатлантската заедница, бидејќи нашето искуство ни покажува дека соработката со нив, координацијата со нив, довербата во нив, никогаш не нè изневерила и никогаш не нè издала. Најдобриот совет што можеме да го дадеме не само на Косово, туку и на сите во регионот е: Одржувајте блиски односи со евроатлантската заедница бидејќи тоа е единствената иднина на регионот“, рече Османи.
Тој ја поздрави и иницијативата на премиерот на Албанија, Еди Рама, „да се создаде нова ситуација“, и да се придвижат работите.
Зборувајќи за одвивањето на ПФД, Османи го изрази своето задоволство, додавајќи дека има соодветна застапеност од ЕУ и од другите земји.
„Доаѓа претседателот на Советот на Европската Унија, преку видеопорака, Шарл Мишел, којшто ќе се обрати денеска на свеченото отворање на форумот, и тоа е највисокиот претставник на ЕУ, покрај генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, кој што ќе се обрати на претседателскиот панел“, истакна Османи.
Османи претходно оствари средба со директорот за стратешки политики на Институтот „Пријатели на Европа“, со седиште во Брисел, Дармендра Канани.
Османи и Канани потпишаа Меморандум за соработка со кој се промовираат помирувањето, дијалогот и соработката меѓу земјите од регионот.