Бујар Османи: Процесот за уставни измени ќе заврши успешно

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека е убеден оти процесот на уставни измени во земјава успешно ќе заврши во следните недели и месеци.

„Процесот започна, како што можете да видите, целиот свет, и САД и ЕУ, ја поздравија одлуката за започнување на процесот. Убеден сум дека овој процес ќе биде успешно завршен во наредните недели и месеци“, изјави Османи за АИМ при неговото учество на Стратешкиот форум на Блед.

Тој рече дека форумот е уште една платформа за испраќање порака дека до 2030 година треба да се направи посуштински чекор за интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

„Ова е уште една платформа каде не само ние, туку и земјите од Западен Балкан можеме да се сретнеме со Европската Унија и да дадеме порака дека мора да се направи посуштински чекор во овој процес во овој нов геополитички контекст во кој се наоѓа Европа и поради оваа деценија треба да биде декада на Западен Балкан. Мислам дека пораките од сите страни се такви дека Западен Балкан ќе биде дел од ЕУ до 2030 година“, рече Османи.

Шефот на дипломатијата во Блед оствари средба со министерката за надворешни работи на Република Кореја, Парк Џин и очекува поголема соработка во наредниот период, особено во економијата и инвестициите.