Буџетот на Македонија за 2024 година на пленарна седница

Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува зголемување на платите и намалување на бројот на невработени со буџетот за 2024. Владиниот предлог, кој тежи рекордни 5,5 милијарди евра, почна да се расправа на пленарна седница во Собранието. Според Бесим, идната година се очекува растот на цените или инфлацијата да биде 3,6 отсто, а откри и прогнози за раст на економијата.

„Што се однесува до макроекономските прогнози, овој предлог-буџет пред вас предвидува економски раст од 3,4 проценти. Придонесот за ова зголемување се должи на бруто-инвестициите кои се очекува да се зголемат за 4,8% во наредната година а пораст ќе има и кај домашната потрошувачка“, изјави Фатмир Бесими – министер за финансии.

Опозицијата обвини дека се работи за мегаломански буџет кој ќе придонесе за зголемување на јавниот долг. Со него, како што велат, предвиденото зголемување на платите би било можно само со нови партиски вработувања.

„Овој буџет е највисок во историјата, врз основа на нереални, инфлаторни, предизборни прогнози, кој само ќе служи за дополнително збогатување на одредени елити, а нема да служи за збогатување на државните ресурси и граѓаните“, рече Бојан Стојановски – пратеник на ВМРО- ДПМНЕ.

Владата на 18 декември го утврди текстот на предлог-буџетот, а ги вклучи амандманите одобрени по расправата во матичните комисии. Во расправата за амандманите беа прифатени три амандмани од 272 поднесени, еден од ВМРО-ДПМНЕ и два од владејачката СДСМ. Расправата на пленарна седница може да трае најмногу пет дена.