БЏК Куп: Македонските тенисерки ќе ги играат во Литванија

Македонската женска тениска репрезентација од 8 до 13 април ќе настапи во Литванија како дел од Втората Евро-африканска зона од Били Џин Кинг купот.

Македонските тенисерки лани на домашен терен триумфираа во Третата Европска зона и со тоа обезбедија пласман во повисок ранг.

Селекторот Димитар Лабудовиќ за настапот во Литванија ги повика Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Ива Данева, Ана Митевска и дебитанската Теона Андова.

Натпреварите ќе се играат во СЕБ Арена во Вилнус на тврда подлога, а има вкупно 11 репрезентации, кои ќе бидат поделени во три групи. Трите првопласирани репрезентации од групите ќе формираат група во која ќе игра секој со секого и двете првопласирани ќе изборат пласман во Првата Евро-африканска зона.

Второпласираните од групата од првата фаза ќе формираат група која ќе игра за пласман од 4-6.место, а третопласираните ќе играат за пласман од 7-9. место. Двете четвртопласирани репрезентации во групите со четири национални тима ќе играат следната година во Третата Европска или Африканска зона.

Најголем фаворит според составот е Хрватска која ја има пријавено Дона Векиќ (34. место ВТА).