“ВАГНЕР ГО НАПУШТА БАХМУТ НА 1. ЈУНИ!“ – Евгениј Пригожин најави дека позициите ќе ги преземе редовната војска: “Битката за градот траеше 224 дена“
Паравоената приватна група Вагнер денес соопшти дека нејзините сили ќе се повлечат од Бахмут, упостошениот град во источна Украина, од 25. мај до 1. јуни, а потоа ќе ги отстапат своите позиции на редовната руска Армија.
„Во западното предградие на Бахмут се поставени одбранбени линии. Така, групата Вагнер ќе го напушти градот меѓу 25. мај и 1. јуни“, соопшти денес водачот на оваа група, Евгениј Пригожин.
Евгениј Пригожин во саботата кажа дека неговите војници го зазеле Бахмут и дека ќе ја предадат контролата на руската Армија на 25. мај.
„Операцијата за заземање на Бахмут траеше 224 дена… Тука беше само Вагнер, а немаше редовни трупи на руската Армија“, изјави во саботата Евгениј Пригожин, кој е во отворен конфликт со воената хиерархија во Москва.
Украинските власти се уште ја немат потврдено загубата на Бахмут.
Заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Маљар, во саботата изјави дека – „украинските бранители продолжуваат да контролираат одредени индустриски објекти и инфраструктура и станбени згради, иако ситуацијата е критична“.
Двете страни претрпеа големи загуби во Бахмут, град со околу 70.000 жители пред руската офанзива, кој сега е главно уништен.