ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ АКО ПЛАНИРАТЕ ПАТУВАЊЕ ВО ГРЦИЈА – Земјата го живее најтоплиот викенд во последните 50 години – внимавајте на овие работи!

Туристичките атракции во соседна Грција, вклучувајќи го и „Акропол“, ќе бидат затворени во најтоплиот дел од денот за време на викендот, бидејќи температурите во земјата достигнуваат над 40 степени Целзиусови.

На Грција и претстои најтоплиот јулски викенд во последните 50 години, предупредуваат метеоролозите, бидејќи земјата е под продолжен топлотен бран кој ќе трае до следната недела, пишува весникот The Guardian.

Надлежните издадоа препорака до граѓаните да се работи од дома каде што е можно и го советуваа населението да не излегува надвор освен ако е апсолутно неопходно.

Ни претстојат три тешки денови. Мораме да бидеме будни“, изјавил за грчката телевизија ERT министерот за цивилна заштита, Василис Кикилијас. Поради екстремните температури, одлучено е најважните туристички локации да бидат затворени во најтоплиот дел од денот. Ова важи и за фамозниот „Акропол“ во Атина, светско културно наследство, кое ќе биде затворено од пладне до 17:30 часот по локално време до недела, соопшти Министерството за култура на Грција.

Овој викенд се заканува да биде најжешкиот забележан во јули во последните 50 години“, изјавил метеорологот на јавниот сервис ERT, Панајотис Јанопулос. Тој додава дека Атина ја очекуваат температури над 40 Целзиусови степени за шест до седум дена, до крајот на јули.

Грчките медиуми објавија дека 46-годишен маж подлегнал на топлотен удар на централниот грчки остров Евија, откако бил примен во болница во Халкида, пишува весникот The Guardian.

Властите соопштија дека пожарникарите се уште се борат со 79 шумски пожари низ целата земја, а нивниот портпарол Василиос Ватракојани изјави дека Грција ќе биде во состојба на готовност во текот на викендот. Грчката противпожарна служба во петокот соопшти дека состојбата со пожарите во Западна Атика, Лаконија и Родос е подобрена, но поради екстремните временски услови постои можност за нивно ширење. Повеќе од 100 куќи и трговски објекти беа тешко оштетени во пожарот во Атика и уште еден во близина на Атина, кој беше изгаснат претходно оваа недела. 

Атина ја забележа својата највисока температура од 44,8 степени Целзиусови во јуни 2007 година, а се очекува оваа година тој рекорд да биде соборен.