Вака е извршен нападот на Кримскиот мост: Русија ги соопшти најновите информации

Синоќа, Кримскиот мост бил нападнат од два украински беспилотни пловила, соопшти Националниот антитерористички комитет на Русија.

– Во 03:05 часот два украински беспилотни пловила го нападнаа мостот на Крим. Како резултат на терористичкиот напад, оштетена е компонентата на автомобилската лента на Кримскиот мост. Во таа прилика загинаа две лица, а едно дете е повредено – се наведува во соопштението.

Во врска со инцидентот е покрената кривична пријава по член „Терористички акт“ од Кривичниот законик.

Итните служби работат на местото на настанот, безбедносните структури ги спроведуваат сите потребни оперативни и истражни дејствија.

– Инспекторите ги идентификуваат инволвираните во организацијата на терористичкиот акт од редовите на украинските специјални служби и вооружени формации – се наведува во соопштението.

Претходно првиот човек на Крим Сергеј Аксјонов објави дека сообраќајот на мостот на Крим е прекинат поради инцидентот кај 145-от столб на мостот од страната на Краснодарската територија. Тој ги повика жителите на Крим и гостите на полуостровот да се воздржат од патување преку мостот на Крим и да изберат алтернативни патишта низ новите региони.

Според гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, во инцидентот загинале двајца жители на регионот, маж и жена, а повредена е нивната малолетна ќерка.