„Вака започнува Третата светска војна?“: Од што најмногу се плаши Америка по смртта на Раиси? (фото)
Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден сè уште се плаши дека властите во Техеран би можеле да ги обвинат САД или Израел за смртта на претседателот Ебрахим Раиси кој загина во неделата во хеликоптерска несреќа на северот на земјата.
Како што објави „Политико“ , во Вашингтон внимателно следат како Иран ќе реагира на ненадејната смрт на претседателот, очекувајќи дека „статус квото“ ќе остане на сила во овој регион на Блискиот Исток, додека расте стравот дека таму може да биде ескалација на тензиите во односите меѓу Иран и Израел.
Високи американски функционери очекуваат мала, или воопшто, промена во иранската политика пред Исламската Република да избере нов шеф на државата. Врховниот лидер на Иран Али Хамнеи (85) останува главен авторитет во земјата. Политичката неизвесност најмногу се врти околу тоа кој ќе биде следниот претседател во процес кој ефективно го контролираат верските водачи.
Многу поважно прашање на долг рок, и за кое Иран исто така мора да биде подготвен, е кој ќе го замени врховниот верски водач Али Хамнеи. Токму Раиси беше еден од кандидатите. Во Вашингтон гледаат како Иран ќе ја реши политичката криза и што значи таа во трката за следен врховен верски водач.
Администрацијата на Бајден верува дека Иран ќе биде премногу зафатен за да направи големи промени во регионалната политика, вклучително и неговите прокси сојузници, од кои стравуваат многу арапски држави, Израел и САД.
„Воопшто не би се обложил дека има некаква промена во политиката на Иран“, рече еден од петте високи функционери на администрацијата, кој побара да остане анонимен.
Метју Милер, портпарол на Стејт департментот, изрази сочувство за смртта на Раиси и министерот за надворешни работи Амирабдолахијан.
„Додека Иран избира нов претседател, ние ја повторуваме нашата поддршка за иранскиот народ и неговата борба за човекови права и основни слободи“, се вели во соопштението.
Техеран побара помош од САД во напорите за пронаоѓање на остатоците од хеликоптерот со претседателот Раиси, потврди Милер, но тоа не се случи поради големи логистички проблеми.
Тензиите се зголемија неколку часа откако беше објавено дека хеликоптерот со шефот на иранската држава извршил „тврдо слетување“. Потрагата траеше повеќе од половина ден, а во Вашингтон се плашеа дека Иран ќе ги обвини САД или Израел за саботажа.
„Некое време не беше лудост да се праша – Вака ли почнува третата светска војна?“, праша друг висок функционер на администрацијата.
Оттука, не е изненадувачки што генералот Лојд Остин, шеф на Пентагон, исто така зборуваше во понеделникот:
„САД немаа никаква улога во таа несреќа“, рече тој.
Пред само неколку недели, откако Израел уби неколку израелски воени функционери во Сирија, Техеран возврати со испраќање повеќе од 300 беспилотни летала и балистички проектили кон Израел. Некои од нив беа отпуштени директно од Иран, првпат откако исламистичкиот режим ја презеде власта во 1979 година.
Претседателот Џозеф Бајден и’ нареди на американската војска да го спречи овој напад во реално време, а помогнаа и некои арапски земји. Израел ги заштити граѓаните, воените инсталации и цивилната инфраструктура. Израел одговори со ограничени воздушни напади во близина на градот Исфахан, каде се наоѓа воена база и флота од ирански авиони Ф-14.
Набргу потоа, иранските медиуми се фокусираа на секојдневни теми, што е знак дека тензиите стивнаа и дека САД, Израел и Иран не сакаа ситуацијата дополнително да ескалира.