Вархеји: Европската комисија е подготвена да ја забрза интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји вечерва во Брисел изјави дека Европската комисија е подготвена да ја забрза интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија.

За време на состанокот на министрите за надворешни или европски работи на членките на ЕУ и шесторката од Западен Балкан, Вархеји на мрежата Х напиша дека Словенија, Австрија и Хрватска силно ги поддржуваат годишните извештаи на ЕK за земјите од регионот и новиот план за раст за Западен Балкан кој Европската комисија го усвои на 8 ноември.

Претходно денеска во Брисел се одржа состанок на Советот на ЕУ за надворешни работи, кој го сочинуваат шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Унијата.

„Имав неколку билатерални средби на маргините на Советот за надворешни работи. Словенија, Австрија и Хрватска силно го поддржаа Пакетот за проширување и новиот план за раст. Комисијата е подготвена да ја забрза интеграцијата на Западен Балкан“, рече Вархеји.