Вашингтон предупреди на опасноста од ескалација на конфликтот на Блискиот Исток поради Иран и неговите сојузници

 Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека Вашингтон гледа потенцијал за ескалација на конфликтот на Блискиот Исток како резултат на акциите на Иран и неговите сојузници во регионот.

САД не бараат ескалација, изјави Блинкен за Ен-Би-Си њуз. Тој додаде дека Вашингтон се надева дека палестинското исламистичко движење Хамас ќе ослободи уште заложници.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин исто така укажа на опасноста од ескалација на конфликтот, особено со интензивирање на нападите врз американските војници и граѓани.

„Постои опасност од значително зголемување на нападите врз нашиот воен персонал и граѓаните низ целиот регион“, рече тој во интервју за Еј-Би-Си.

Остин во истото интервју предупреди дека САД „нема да се двоумат“ да употребат воена сила против секоја организација или земја што е во искушение да го прошири блискоисточниот конфликт меѓу Израел и Хамас.

„Нашиот совет до оние кои би се обиделе да го ескалираат конфликтот е: Не правете го тоа. Го задржуваме правото да се браниме и нема да се двоумиме да преземеме соодветни мерки“, рече шефот на Пентагон.

Тој го изјави ова само неколку часа откако американското Министерство за одбрана објави дека земјата ќе го зголеми своето воено присуство во регионот со оглед на „неодамнешната ескалација од страна на Иран и неговите сојузнички сили“.