Веапоска: „Ми ја извадија и матката и повеќе не можам да бидам мајка, целиот медицински персонал на струшката болница е одговорен за она што ми се случи“

Денеска во Основниот суд во Струга со распит на судските вештаци од Институтот за судска медицина, продолжи судскиот процес за родилката од Дебар, Јелдаз Веапоска, која при породувањето во 2020 остана без бубрег, матка и јајник.

Вештаците одговарајќи на вкрстеното испрашување на обвинителството и одбраната за начинот на кој била оштетена бубрежната артерија при изведувањето на царскиот рез, потенцираа дека станува збор за оштетување, а не за пресекување. Причината за оштетувањето е непозната.

Тие истакнаа дека „Во наодот од март до Институтот за патологија стои дека има оштетување без детален опис и не можеме да се изјасниме како настанало. Во описот не е спомената аневризма, која може да се утврди со голо око. Во нашето мислење не се осврнуваме како постапка на несовесност, туку на периодот од следните четири дена, кога не е поставена дијагноза и не е утврден изворот на крвавењето. Ние наведуваме дека постои причинско-последична врска во начинот на лекувањето и пропуст да се преземат мерки за да се утврди причината за крвавењето. Има дијагностички процедури, можело со ехо ултразвук на стомакот да се види од каде е крвавењето“.

„Сметам дека за сè она што ми се случи одговорен е целиот медицински персонал на струшката болница, за сè она што ми се случуваше од мојот влез во болницата сè до денот на излегувањето. Да потсетам до Обвинителството, до адвокатите, мене не ми беше изваден само бубрегот, туку и матката, за што воопшто не се зборуваше. Зошто ми е извадена матката, зошто јајникот, и зошто јас повеќе нема да можам да станам мајка, нема да можам да имам други деца“, кажа оштетената Веапоска.

Нејзиниот адвокат, Сашо Јанев, истакна дека според содржината на вештачењето можел да се претпостави исходот на оваа постапка и покрај тоа што вината ја утврдува судот.

„ Во самото вештачење се зборува за гинеколозите, анестезиолозите, за сите учесници. Имињата и презимињата на сите нив се во самиот обвинителен акт. Што се однесува до мене, би ги ставил сите од Струшката болница на обвинителна клупа. Да влезете сосема здрав и прав и да излезете без три органи, треба сите кои придонеле да одговараат за тоа“, вели Јанев.

Првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер, се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето.