Вевчанскиот карневал ќе ја задржи традицијата, откажан забавниот дел на манифестацијата

Без зурли и тапани, и без традиционалното оро во центарот на селото, задржувајќи ја вековната традиција ќе се одржи денеска Вевчанскиот карневал. Со едноминутно молчење ќе му се одаде почит на младото момче од ова населено место кое почина ноќеска во сообраќајна несреќа. 

– Во координација со општината и василичарските друштва од Горна и Долна мала се донесе одлука заради продолжување на традицијата да се оддржат традиционалните адети и поворката и дефилето ќе се случат во предвиденото време, но со намален интензитет без музика и оро, со едноминутно молчење на централното случување, стои на официјалната фејсбук страница на Вевчанскиот карневал.

Повозрасните вевчанци, не паметат таква несреќа во пресрет на празникот Свети Василиј.

-Незнам како ќе се одржи карневалот оваа година. Досега не паметам вакво карневалско издание. Ваква трагедија не се случила досега, вели осумдесет годишен жител на Вевчани.

Дел од рестораните и кафулињата во населбата не работат, а останатите се без музика. Градоначалникот Спасе Кочовески информираше дека е откажан и забавниот дел што вечерва требаше да се одржи во центарот на Вевчани, како дел од манифестацијата. Тој посочи дека имале средба со вевчанските друштва и дека дефилето ќе се одржи во некоја минимална форма.

– Трагедијата што се случи сношти во Вевчани, сообраќајна несреќа, погина млад член на Вевчани, жител на Вевчани. Улиците на 13 јануари никогаш не биле во ваква состојба. Вевчани сме мало место, сите сме како една фамилија. Вакви немили настани нѐ потресуваат. Вечерашниот концерт е откажан. Вевчани овој ден го чека цела година, меѓутоа, не на ваков начин, изјави Кочовески.

Улиците низ Вевчани се речиси празни, со по некој случаен минувач и гости од надвор кои не биле запознаени со случувањата.

– Секоја година сме тука, многу интересен настан. За жал годинава разбрав дека нема да се одржи. Навистина ми се допаѓа традицијата, концертите што ги прават, маските, вели жител од Ресен, кој пристигнал во Вевчани да го проследи дефилето.

И министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која требаше официјално да го отвори Вевчанскиот карневал рече дека не го препознава Вевачни вакво и изрази жалење и сочувство до фамилијата на младото момче.

– Јас, за жал, знам како изгледа таа болка. Цела ситуација е неизвесна. Тоа што ќе го одлучат граѓаните на Вевчани, денеска да се случува, тоа и ќе се случува. Наредната година, традицијата ќе продолжи понатаму. Се надевам вакви немили настани повеќе нема да има, изјави министерката Костадиновска Стојчевска.

Деветнаесетгодишно момче од Вевчани со иницијали М.М. загина ноќеска во сообраќајна незгода околу 1: 20 часот на локален пат меѓу Вевчани и струшкото село Подгорци. СВР Охрид информира дека полицијата извршила увид, а на местото излегол и јавен обвинител.

Според информациите од Вевчани, каде денеска треба да се одржи традиционалниот Вевчански карневал, станува збор за синот на поранешниот пратеник Крсто Мукоски.

Вевчанскиот карневал, стар околу 15 века, почнува на 13 јануари напладне со дефиле на маски на двете василичарски друштва Горна и Долна маала. Неизоставен дел од традицијата се зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи и маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања. Секое карневалско издание за вевчанци е доживување, кое го чекаат цела година.