Велат дека е како вино, ги крши сите закони на физиката и како машина соборува рекорди: Кристијано Роналдо го слави својот 40-ти роденден! (фото)

Фудбалскиот мајстор, еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот, големиот Кристијано Роналдо го слави својот 40-ти роденден!

Роналдо во својата блескава кариера пет пати ја освои Златната топка и четири пати Златната копачка. Португалецот е најдобар стрелец и на Европските првенства (14 гола), Лигата на шампионите (140) и репрезентативниот фудбал (135). Впрочем, Кристијано е најдобар стрелец во историјата на фудбалот, има постигнато неверојатни 923 гола, а како што самиот вели, нема намера да запре бидејќи сака да стигне до бројката од 1000 гола.

Покрај големите индивидуални достигнувања, Роналдо има освоено и 33 трофеи, а без сомнение највреден е оној од 2016 година кога со Португалија стана европски првак. Покрај тоа, пет пати ја освојуваше Лигата на шампионите, три пати Премиер лигата, по два пати беше шампион на Шпанија и Италија, а освои и многу други трофеи.

Момчето од Мадеира веќе во најраниот период од кариерата покажа голем талент и неверојатен менталитет кој подоцна го направи ѕвезда, а она што е интересно е што Роналдо дебитираше на европска сцена против Партизан во Белград во 2002 година. Тогаш неговиот Спортинг беше поразен од црно-белите со 3:1 во натпревар од Купот на УЕФА. И да, тогаш веќе беше јасно дека тој е неверојатен играч кој ќе го засени целиот фудбалски свет.

Потоа следеше неговата преселба во Манчестер Јунајтед, каде под водство на Сер Алекс Фергусон постигна неверојатен успех, од кои секако најголемиот беше освојувањето на Лигата на шампионите во Москва во 2008 година, кога Челзи беше поразен во финалето по изведувањето пенали. Истата година тој ја освои својата прва „Златна топка“ и со тоа докажа дека е еден од најдобрите. И без сомнение беше тешко да се задржи во Манчестер, бидејќи на врата тропаше големиот Реал Мадрид, во кој Роналдо отиде за тогаш рекордни 94 милиони евра.

Дресот на „кралевите“ го носеше 438 пати, а успеа да постигне 450 голови и 131 асистенција, со што стана најефикасниот играч во историјата на Реал. Со нив четири пати ја освојуваше Европа и исто толку пати беше прогласуван за најдобар фудбалер на светот. Помеѓу 2013 и 2018 година Роналдо ги постигна најголемите успеси во кариерата, а еден кој сигурно најмногу ќе го памети и обожава го постигна со репрезентацијата на Португалија. Имено, Кристијано во 2016 година стана европски шампион со репрезентацијата кога Франција падна во финалето среде Париз.

По Реал Мадрид, имаше епизода во Јувентус, каде Португалецот постигна 101 гол на 134 натпревари, а потоа го шокираше целиот фудбалски свет кога се врати во Манчестер Јунајтед, но тоа враќање не беше она што го замислуваа љубителите на ликот и делото на Кристијано Роналдо. Тогаш се зборуваше дека Португалецот би можел да премине во Манчестер Сити, а прашање е какво неверојатно продолжение на кариерата би имал доколку Сер Алекс Фергусон не интервенирал и не влијаел на Роналдо да се врати во Јунајтед.

Следеше соработката со Ерик тен Хаг, во чиј систем Кристијано не се вклопи и покрај одличните настапи во Манчестер, се судри со Холанѓанецот и реши да го напушти клубот. Во тоа време, се чинеше дека може да се врати во Спортинг, но Роналдо ги избра Саудиска Арабија и Ал Наср. Годините покажаа дека Јунајтед направи голема грешка, а Португалецот продолжи да бележи одлични настапи во друг клуб и да го прави тоа што го прави најдобро – постигнува голови!

Така, Роналдо и на 40 години сè уште има желба да постигнува голови. Целта е да постигне 1000 гола, а Португалецот е на 923, а впечаток е дека ќе успее во тоа што го зацртал.

Некои тврдат дека е најдобар, дека неправедно има помалку „Златни топки“ од Лионел Меси и дека е најкомплетниот фудбалер досега. Секако дека за тоа секогаш ќе има дебата, но едно е сигурно – Кристијано Роналдо без сомнение е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и ќе треба многу време за да се појави некој сличен. Наше е да продолжиме да уживаме, да бидеме благодарни што живееме во ерата на голем фудбалски велемајстор.