Велешкиот ККК „Арка-Борец“ победник на Отвореното Балканско првенство во кајак на диви води

 Со освоени 397 поени екипата на Кајакарскиот кану клуб „Арка-Борец“ од Велес е севкупен победник и го освои најголемиот златен пехар на Отвореното Балканско првенство во кајак на диви води спуст „Велес 2023“ што во изминатите два дена се одржа на Вардар во Велес. Второто место со освоени 311 поени освои екипата на КК „Дрина“ од Бајина Башта од Р. Србија, а третото место со освоени 217 поени му припадна на КК „Чачач“ од Чачак, исто така од Р. Србија.

Златните пехари во сите категории беа врачени со спектакуларен огномет и свеченост кој се одржа синоќа на Градскиот пливачки базен во Велес. Беа доделени и златни, сребрени и бронзени метали во машка и женска конкуренција во сите категории. Од детска, јуниорска, сениорска категорија па сè до ветерани.

За најмлад учесник – кајакар беше прогласен петгодишниот Јованче Андонов.

Од Македонската кајакарска организација беа доделени и медалите од државно првенство во сите категории.

Организатор на првенството беше Кајак кану клубот „Арка-Борец” Велес и со техничка поддршка од Македонската кајакарската федерација, Агенцијата за млади и спорт и Општина Велес.

Натпреварувачите се натпреваруваат во две дисциплини спуст на диви води класик на 2,5 километри и спринт на 250 метри. Патеката беше на Вардар со старт од Мало Мовче и целта под Стар Мост.

На Отвореното Балканско првенство во кајак на диви води, како што информира за МИА кајакарот Љубомир Спасиќ од ККК „Арка-Борец“ Велес, учествуваат 120 кајакари од сите категории од 25 клубови од девет држави: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија, Малта и земјава.

Коста Ефтимов од Македонската кајакарска федерација за МИА изјави дека натпреварите поминаа одлично, а организаторот се покажа на највисоко ниво како одлични домаќини.

Бројните натпреварувачи, тренери и гости за нашата агенција рекоа дека се било одлично организирано и одлично се чувствуваа во Велес.

Јасна Милутиновиќ од Бајина Башта, мајка, чија ќерка беше една од добитниците на медали, за МИА изјави дека натпреварите биле одлично организирани и имаат гостопримливи домаќини и дека прекрасно се чувствуваат во Велес градот на Вардар.