Велигденски богослужби во црквите во Велес и Велешко

– По повод големиот христијански празник Велигден утрово  се одржа Златоустова литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ и Вечерна служба на Второ Воскресение – читање на Воскресенското евангелие на разни јазици во храмот „Св. Кирил и Методиј“, каде чиноначалствуваше неговото високопреосвештенство митрополитот Повардарски г. Агатангел.

Синоќа на полноќ во сите велешки црки во присуство на голем број православни верници со биење на камбаните, палење свеќи за здравје и според традицијата со кршење на велигденските црвени јајца и со поздравот Христос Воскресе, Навистина Воскресе, беше одбележан големиот христијански празник Велигден. На овој чин и претходеше Златоустова литургија во Соборниот храм „Св. Великомаченик Пантелејмон“ каде чиноначалствуваше неговото високопреосвештенство митрополитот Повардарски Агатангел. Златоустова литургија служеа свешетеници од Повардарската Епархија во градските цркви „Св. Кирил и Методиј“, „Св. Вознесение Христово“ и „Св. Јован Крстител“, како и во сите цркви во населените места во Велешко.

Како што информираат од Повардарската епархија, утре на втор ден Велигден во 9 часот  ќе има Златоустова литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ и претходно во 8 часот во црквата  „Успение на Пресвета Богородица“ и „Св. Јован Крстител“. Митрополитот Повардарски г. Агатангел ќе богослужи во црквата „Св. Великомаченик Димитриј“ во Кавадарци со почеток во 8.15 часот.

На трет ден Велигден, во вторник, во 9 часот ќе има Златоустова  литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ и претходно во 8 часот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ и „Св. Јован Крстител“ во Велес . Митрополитот Повардарски г. Агатангел ќе богослужи во црквата „Св. Недела“ во Стојаково со почеток во 8.15 часот.