Вештачката интелигенција може да ја предвиди Алцхајмеровата болест години пред да се појават симптомите

Системот за вештачка интелигенција може точно да ја предвиди Алцхајмеровата болест кај 72 отсто од пациентите кои подлегнале на болеста, дури седум години однапред.

Една нова студија покажа дека Алцхајмеровата болест може да се предвиди до седум години пред да се развие благодарение на вештачката интелигенција.

Вештачката интелигенција успеа да ги забележи раните предупредувачки знаци за губење на меморијата, открија американските истражувачи.

Водечкиот истражувач Алис Танг, докторанд на Универзитетот во Сан Франциско, изјави дека вештачката интелигенција помогнала да се идентификуваат други состојби поврзани со Алцхајмеровата болест, години пред да започне.

– Ова е првиот чекор кон користење на вештачката интелигенција за рутински клинички податоци, не само за да се идентификува ризикот што е можно порано, туку и да се разбере биологијата зад него. Моќта на овој пристап на вештачка интелигенција доаѓа од идентификувањето на ризикот, врз основа на комбинации на болести – вели Алис.

Најновата студија, објавена во списанието “Nature Aging”, користела вештачка интелигенција за да ги анализира здравствените досиеја на повеќе од 5 милиони луѓе за да види дали постојат модели кои ја поврзуваат Алцхајмеровата болест со други состојби.

Високиот крвен притисок, холестерол, недостиг на витамин Д се поврзани со поголем ризик од Алцхајмерова болест и кај мажите и кај жените. Мажите исто така се повеќе изложени на ризик ако имаат еректилна дисфункција или зголемена простата. Жените имале поголеми шанси да развијат Алцхајмерова болест доколку имаат остеопороза – болест на коските.

Системот за вештачка интелигенција можел точно да ја предвиди Алцхајмеровата болест кај 72 отсто од пациентите кои страдале од оваа болест, дури седум години однапред.

– Токму комбинацијата на болести му овозможува на нашиот модел да го предвиди почетокот на Алцхајмеровата болест. Нашето откритие дека остеопорозата, еден од предиктивните фактори за жените, ја нагласува биолошката интеракција помеѓу здравјето на коските и ризикот од деменција – вели Алис.

– Ова е одличен пример за тоа како можеме да ги искористиме податоците за пациентите користејќи машинско учење за да предвидиме кои пациенти имаат поголема веројатност да развијат Алцхајмерова болест, како и да ги разбереме причините зошто е тоа така – вели д-р Марина Сирота, пренесува “The Sun”.