„ВЕЌЕ ИМАМЕ ОСНОВНА КОЛИЧИНА НА ОРУЖЈЕ“ – Украинскиот шеф на военото разузнавање откри што може светот да очекува
Исходот од украинската контраофанзива се очекува да биде критична пресвртница во војната.
Шефот на украинската воена разузнавачка служба, Кирил Буданов, во интервју за Јапонската радиодифузна корпорација изјави дека Украина има доволно оружје, додавајќи дека долгоочекуваната контраофанзива ќе започне наскоро.
– Многу цивили останаа под руска окупација и не можеме повеќе да губиме време. Веќе имаме основна количина оружје и друга опрема. Можам само да кажам дека наскоро ќе започне контраофанзивата – рече Буданов.
Буданов додаде дека Украина мора да ги употреби сите сили и средства за да ја истера Русија од нејзината територија и дека ќе биде потребна поголема набавка на оружје и муниција за да се продолжи овој потфат.
Според Буданов, пресретнати се 90 отсто од руските напади врз украинските војници и логистика со цел да се попречат подготовките за контраофанзива.
– Украина успеа да ги пресретне тие напади со своите подобрени системи за противвоздушна одбрана… Руските сили се повеќе се соочуваат со недостаток на морал, бидејќи никој не разбира зошто се борат во Украина – рече тој.
Исходот од украинската контраофанзива се очекува да биде критична пресвртница во војната која ќе определи дали Украина ќе поврати голем дел од својата територија или ќе биде под притисок од нејзините сојузници да се сретне со Русија на преговарачка маса.