ВИДЕО | Бројот на загинати во пожарот во зградата во Валенсија се зголеми на 10

Бројот на загинати во пожар во станбена зграда во Валенсија се зголеми на 10, а градоначалничката Марија Хозе Катала прогласи тридневна жалост во овој град.

Весникот „Ел Паис“ наведе дека четири од жртвите се членови на исто семејство – татко, мајка, тригодишна ќерка и новороденче.

Шпанскиот центар за итни информации и координација соопшти дека четири повредени лица денеска се пуштени од болница, а на лекување се уште се двајца пожарникари кои и им пружале прва помош на настраданите.

Полицијата стигнала до четвртиот кат од опожарената зграда во обид да ги лоцира потенцијалните жртви, а на лице место биле и противпожарните и екипите за итна помош, пренесуваат шпанските медиуми.

Во Валенсија се формирани неколку пунктови со цел да се соберат информации и ДНК примероци на роднините на можните жртви.

Шефот на Истражниот суд број 10 во Валенсија отвори постапката за истрага за причините и околностите на пожарот и нареди доверливост на постапката во траење од еден месец со цел да се заштити полициската истрага и приватноста на жртвите и нивните семејства.

Шпанскиот премиер, Педро Санчез, најави дека заедницата ќе добие помош, и дека ќе се работи на брзото собирање информации.

Експертот Естер Пукадес објасни дека полиуретанот, што се користи за покривање на фасадата, е елемент што во моментов се смета за главна причина за брзото ширење на пламенот.

Пожарот избувна вчера попладне и за само половина час ја зафати целата зграда со 14 ката и 138 стана, а набрзо се прошири и во соседната зграда.