ВИДЕО | ДРАМАТИЧНИ СЦЕНИ ОД ГРЦИЈА – Пожарите голтаат се пред себе: Изгореа 1.000 хектари шума, неколку пожарникари повредени, а над 1.000 деца биле итно евакуирани
Пожарникарите во Грција втор ден продолжуваат да се борат со пожарот на четири фронта, а повеќе од илјада деца се евакуирани од летен камп, бидејќи пожарите кои избувнаа претходниот ден се уште траат.
Противпожарните и спасувачките екипи, како и Армијата во Грција, се обидуваат да ги стават под контрола пожарите кои избувнаа на повеќе локации, во источна Атика, Капарела, Лутраки и Дервенохорија, пренесуваат соседните медиуми.
Најтешка е ситуацијата во Дервенорија, каде непристапниот терен отежнат дополнително од засилен ветер и екстремните временски услови кои се очекуваат и денеска не дозволуваат ограничување на фронтот, бидејќи станува збор за густа шума која го поттикнува ширењето на пожарот, пишуваат грчките медиуми.
Во крајбрежниот град Лутраки, западно од Атина, 1.200 деца биле евакуирани додека пожарот се приближил до нивниот камп, јавува BBC.
Тројца пожарникари доброволци се повредени претходниот ден при гаснење на пожар во Саронида.
Службата за цивилна заштита им се заблагодари на повредените млади момчиња за се што досега направиле за Грција.
Повеќе од 1.000 хектари шума изгореа во Лутраки, градот кој беше меѓу најтешко погодените од пожарот.
Пожарникарите веќе два дена се борат со стихиите, но силниот ветер го отежнува гаснењето.
Инаку, полицијата уапси маж кој е осомничен дека предизвикал нов пожар во Куварас во Атика, југоисточно од грчката престолнина. Пожарите дополнително се разгоруваат поради силните ветрови, а стотици пожарникари се обидуваат да го задржат ширењето на огнот.
Портпаролот на грчката противпожарна служба изјави дека иако ветрот им отежнува на авионите безбедно да се приближат до пожарите, пожарникарите вложуваат максимални напори за да се стави ситуацијата под контрола.
Десетици луѓе мораа да ги напуштат своите домови во пошироката област со помош на екипи за итни случаи, а грчката Влада соопшти дека оние чии домови беа зафатени од пожарите имаат право на сместување во локални хотели и подоцна ќе бидат обесштетени.
Пожарите го загрозија сообраќајот во некои области, а полицијата беше принудена да затвори делови од националниот автопат Атина-Коринт.
Обновени се и одредени линии на железничкиот сообраќај. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој во моментов е во Брисел на работна посета, изјави дека земјата прави се што е можно да помогне.
„Денес во суштина е првиот тежок ден од ова лето. Нема сомнеж дека ќе следи уште. Шумски пожари се случуваа и ќе продолжат да се случуваат“, изјави тој.
Силниот топлотен бран што ја зафати Европа не покажува знаци на намалување, според прогнозите, а грчката метеоролошка служба предупреди дека ризикот од нови пожари останува висок.