ВИДЕО | ЕКВАДОР, ПЕРУ, БРАЗИЛ, БОЛИВИЈА… – Падна големиот “клан“ од село Грчец: Кои се луѓето кои пренесуваа кокаин од Јужна Америка и сееа крв не само во Македонија туку и на Балканот ?

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, претходниот ден на прес-конференција соопшти дека е откриена голема криминална група од селото Грчец, која превезувала кокаин од Латинска Америка во европските земји, како и во Македонија, а чии членови се осомничени за четири убиства во последните години, во кои жртви беа и двајца албански државјани.

До Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денес се поднесени кривични пријави против 16 лица осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, убиство и обид за убиство.

По наредба на Обвинителството, лишени од слобода се лицата осомничени дека се вмешани во набавка на кокаин и извршиле тешки кривични дела – убиство. Месечната истрага придонесе да се обезбедат доволно докази против Ш.М. (47 г.) од село Грчец, кој заедно со сега починатите О.Б. и Ј.К. од декември 2019 година до март 2021 година, за што се прибирани докази, организирале криминална група, која била формирана со цел да извршат убиства од личен интерес“, соопшти, меѓу другото, на прес-конференцијата Оливер Спасовски

Тој додаде дека организаторите правеле планови и одлучувале кој, кога и како ќе биде убиен, а плановите ги спроведувале лично или преку организирана криминална група.

Групата работела на меѓународно ниво, организирале набавка на кокаин од јужноамериканските земји, негов трансфер во земјите на Европската унија, а дел од кокаинот бил наменет за нарко пазарот во Македонија.

Како резултат на денешните активности и претреси извршени на 20 локации во Скопје, во село Грчец и други места, од слобода се лишени шестмина осомничени, од кои дел подолго време престојуваат надвор од државата. Лицето Р.С., веќе е лишено од слобода во Шпанија“, посочи Оливер Спасовски.

Според него, при претресот одземени се поголема сума пари, луксузни автомобили и други вредни предмети.

Оливер Спасовски соопшти дека оваа криминална група дејствувала на меѓународно ниво и набавувала кокаин од Еквадор, Перу, Бразил и Боливија.

Криминалната група правела планови и договори преку директни контакти.

Од досега преземените мерки и соопштени податоци – документирано е дека оваа група организирала две набавки на кокаин во земјите на ЕУ и САД, додека 435 килограми кокаин биле внесени во Македонија од Бразил и транспортирани до пристаништето Антверпен во Белгија.

Дел од споменатата количина требало да заврши и на пазарот во Македонија“, потенцира Оливер Спасовски.

Групата организирала и неколку транспорти на дрога од Белгија и Албанија до Македонија. Членовите на оваа група се стекнале со значителни финансиски средства кои ги инвестирале во луксузни куќи и угостителски објекти кои веќе се предмет на конфискација. Организаторот на групата Ш.М. заедно со членовите организирале обид за убиство на лице од село Бардовци, убиство на албански државјанин чие тело било пронајдено во село Горна Матка, како и двојното убиство што се случи на 5. март 2021 година во Скопје.

Министерството за внатрешни работи, во координација со ОЈО ГОКК, по распишување потерници за лица лоцирани надвор од Македонија, ќе преземе координативни мерки со поддршка на Европол за нивно апсење.

Знаеме каде се наоѓаат луѓето кои подолго време престојуваат надвор од државата. Имаме детална соработка со Европол, продолжуваме со нашите активности“, заклучи Оливер Спасовски и додаде дека ова е можеби една од најзначајните истраги што целосно уништиле криминална група која повеќе од 30 години дејствува на територијата Скопје.