ВИДЕО | Започна руската одмазда за уништувањето на мостот на Крим – Русија изврши голем напад врз Украина: Гори огромно складиште за гориво
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руските сили извршиле одмазднички напад врз украинските објекти каде се подготвувале терористички напади врз Русија со помош на морски дронови.
„Силите на Руската Федерација извршија групен одмазднички удар со високопрецизно оружје врз објекти каде се подготвуваа терористички акти против Руската Федерација со морски дронови без екипаж и на местото на нивното производство во бродоградилиште во близина на градот Одеса“, соопшти Министерството за одбрана на Русија, пренесуваат руските медиуми.
Исто така, е наведено дека магацините за гориво со вкупен волумен од околу 70.000 тони, кои доставувале гориво за вооружените сили на Украина, биле уништени во областа на Миколаев и Одеса.
„Сите цели планирани за нападот беа погодени. На уништените објекти се евидентирани пожари и детонации“, се наведува во соопштението.
Според неофицијални информации, Русија во текот на ноќта нападнала цели во Одеса со ракети од Црното Море, додека Миколаев бил нападнат со беспилотни летала.
CNN потврди за четири големи експлозии во Одеса, а забележано е и дека запалениот предмет паднал на морското пристаниште.
Погледнете ги видеата од нападите ОВДЕ.
„Сирените за воздушен напад се слушнаа околу 2 часот по полноќ по локално време и беше забележана противвоздушна одбрана како работи низ градот, по што следеа четири силни експлозии. Од пристаништето во Одеса се видени големи пламени“, објави CNN и додава дека новинарот снимил „објект што гори“ како паѓа од небо.
Локалните профили на социјалната мрежа Телеграм објавија видео од експлозијата во пристаништето, а многу корисници исто така не исклучуваат уништување на германската самоодна противвоздушна инсталација Gepard. Локалните власти соопштија дека пристанишните инфраструктурни објекти биле оштетени во градот.
Властите од областа Миколаев пријавија пожар во индустриска зграда.
Одговорното лице на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, изјави дека ноќните напади на Миколаев и Одеса се доказ дека Русија го загрозува извозот на украинската храна.
„Рускиот ноќен напад врз Одеса и Миколаев со помош на проектили е уште еден доказ дека оваа терористичка земја сака да ги загрози животите на 400 милиони луѓе во различни земји кои зависат од украинскиот извоз на храна“, напиша тој во објава на социјалните прежи.
Рускиот претседател Владимир Путин, за потсетување, му нареди на Министерството за одбрана итно да подготви одговор на „терористичкиот напад“ од Киев на мостот на полуостровот Крим.