ВИДЕО | КИНА НАПРАВИ ИСТОРИСКИ ЧЕКОР – Лансирана е најмоќната ракета која е произведена од приватниот сектор, а нејзините способности се многу изненадувачки

Компанијата со седиште во Пекинг, OrienSpace, денес успешно ја лансираше најмоќната ракета во историјата на Кина од приватниот сектор, отворајќи го патот за идните лансирања во кои досега доминираа државните компании. Ракетата „Gravity-1“ беше лансирана од брод во близина на брегот на источната провинција Шандонг, носејќи три сателити во орбитата, соопшти OrienSpace.

Компанијата е основана во 2020 година од ветерани на кинеските државни вселенски агенции, а „Gravity-1“ првично требаше да биде лансирана во првата половина на 2023 година. Ракетата може да носи товар до 6,5 тони во орбитата, што ја прави најмоќната ракета што некогаш ја направила приватна кинеска компанија.

Нејзината премиера би можела да го отвори патот за други комерцијални лансирања на сателити. Директорот на OrienSpace минатата година објави дека компанијата веќе добила нарачки за стотина од нив. „Gravity-1“ може да носи до 30 сателити со само едно лансирање. OrienSpace, исто така, тврди дека може да организира лансирање за помалку од една недела, а во некои случаи и за помалку од 24 часа.

Способноста на ракетата да биде лансирана од море значително го зголемува опсегот на потенцијалните локации за лансирање и ги намалува ризиците за населените области. OrienSpace е петта кинеска приватна компанија која лансираше сопствена ракета, по i-Space, Galactic Energy, Space Pioneer и LandSpace, објавија кинеските државни медиуми.