Нов потег на Иран што може да ги разбесни Американците: “Да, запленивме танкер со нафта!“

Иранската морнарица потврди дека запленила танкер со нафта што пловел под знамето на Маршалските острови во близина на брегот на Оман, јавува BBC. Станува збор за танкер кој минатата година беше предмет на спор меѓу САД и Иран, а се чини дека сега плови кон Иран, објавија британски извори.

Маскирани вооружени лица се качиле на бродот „Свети Никола“ во близина на пристаништето Сохар. Извори од британската морнарица велат дека добиле извештај дека четири до пет „неовластени лица“, наводно облечени во црни воени униформи и црни маски за лице, се качиле на бродот во раните утрински часови во четвртокот.

Системот за следење на бродот бил исклучен додека се движел во правец на иранското пристаниште Бандар-е-Јаск.

Операторот на бродот, Empire Navigation, соопшти дека превезувал 145.000 тони сурова нафта.

Соединетите Американски Држави го зазедоа „Свети Никола“ во 2023 година како дел од санкциите против Иран, додека пловеше под името Суец Рајан.

САД тогаш тврдеа дека Иранската револуционерна гарда го користела за испраќање санкционирана нафта во Кина.

Танкерот „Свети Никола“ се движел од ирачкиот пристанишен град Басра кон турската Алијага, преку Суецкиот канал.

Нафтениот танкерот има екипаж од 19 луѓе – 18 Филипинци и еден Грк, а бродот е изнајмен од турската нафтена компанија Tupras.

Да потсетиме дека јеменските Хути напаѓаат комерцијални бродови во Црвеното Море како спротивставување на израелската офанзива врз Појасот Газа, но нивните активности досега беа ограничени на теснецот Баб ал-Мандаб на крајниот југозапад од Арапскиот Полуостров. Како што јавува BBC, киднапирањето на танкерот во близина на Оман не е поврзано со серијата напади на бунтовниците Хути.