ВИДЕО | ‘КРВАВА СВАДБА’ – Автобус кој се враќал од свадба излетал од патот – најмалку 10 лица загинале, а многумина се повредени

Десет лица го загубиле животот кога автобус со свадбени гости се превртел во винарскиот регион Хантер, северно од Сиднеј, соопшти во понеделникот австралиската полиција.

Повеќе од дваесет патници се пренесени во болница, едно лице е критично, а другите се стабилни, додаваат од полицијата, јавуваат тамошните медиуми.

Автобусот се превртел во неделата навечер и застанал на патот до оградата во магливо време.

Несреќата се случила во близина на градот Грета, на околу 150 километри од Сиднеј, во област која туристите сакаат да ја посетуваат.

Свадбените фотографии објавени на социјалните мрежи покажуваат дека гостите биле добро расположени на тревникот на семејна фарма со лозје, неколку часа пред несреќата, која однесе најголем број жртви во земјата од 2007 година.

Возачот на автобусот бил однесен во болница каде што бил тестиран за алкохол и наркотици и бил приведен, соопштил началникот на полицијата Трејси Чепмен, без да прецизира какви се резултатите од тестот.

Во несреќата не учествувале други возила.

Сите Австралијци кои се будат од оваа тажна вест упатуваат искрено сочувство до семејствата на жртвите во оваа страшна несреќа“, изјавил премиерот Ентони Албанес.

Жално е што еден ваков среќен настан заврши со ваква трагедија, нашите мисли се со повредените“, напиша тој во пораката на социјалните мрежи.