(Видео) Младиот богаташ ја разбесни јавноста: Погледнете како го „паркирал“ автомобилот во пентхаус на 57 кат

„Тоа е автомобил што не можам да го регистрирам за користење на патиштата и само собира прашина во гаражата“

Додека целиот свет се бори со галопирачка инфлација, младиот австралиски бизнисмен Адријан Портели го предизвика гневот на тамошната јавност (рас)фрлајќи се со пари.

Портели одлучи да го складира McLaren Senna GTR вреден 3 милиони долари во неговиот пентхаус во Мелбурн, вреден 39 милиони долари.

Но, бидејќи немал друг начин, Портели користел кран за да го пренесе автомобилот до 57-от кат на облакодерот.

За да го „паркира“ Мекларенот во неговиот пентхаус, работниците морале да отстранат неколку ѕидови и со тоа да ја сменат конструкцијата на облакодерот, но изведувачот тврди дека целиот проект бил изведен на највисоко ниво на безбедност.

По успешната операција, Портели изјави:

„Тоа е автомобил што не можам да го регистрирам за користење на патиштата и само собира прашина во гаражата. Решив да го ставам на безбедно – на 57 кат! Им благодарам на сите кои учествувавте и овозможивте да се случи овој апсолутно надреален момент“ – стои во објавата на Портели.

Сепак, неговата интервенција не им се допадна на сите, многу Австралијци се огорчени од таквата ароганција, а еден од нив изјави дека Портели претставува „олицетворение на се што не е во ред со денешниот свет“.

McLaren Senna GTR беше произведен во само 75 примероци, а го придвижува 4-литарски V8 мотор со двоен турбо полнач кој развива 830 КС.