ВИДЕО | „НАЈТВРДОТО ЈАДЕЊЕ НА СВЕТОТ“ пристигнува од Кина: ПРЖЕНИТЕ КАМЕЊА се нов хит на социјалните мрежи
Суодиу ја има титулата најтврдо јадење во светот, а како клучна состојка заедно со зачините има пржени камења. Ова јадење неодамна ја разбуди љубопитноста на многумина на кинеските социјални мрежи, пренесува CNN.
Гостите треба да ги цицаат камчињата за да уживаат во богатиот и зачинет вкус на јадењето, кое потекнува од источната кинеска провинција Хубеи. Добиваат инструкции да ги вдишат вкусовите, а потоа да ги плукаат камењата – оттука и името на јадењето суодиу (嗦丟), што значи „вшмукај и плукни“.
Низ кинеските социјални мрежи во текот на изминатата недела се појавија видеа од корисници на интернет кои пробуваат суодиу.
Покажуваат и како уличните продавачи го подготвуваат необичното јадење. Продавачите истураат масло од чили на камењата што крчкаат на скарата, ги посипуваат со сос од лук, а потоа се пропржуваат со мешавина од лук и пиперки исечкани на коцки.
Додека ги подготвуваат состојките, овие готвачи од тротоарите понекогаш го објаснуваат секое нивно движење со рими, според видеата на Xiaohongshu, кинескиот еквивалент на Instagram.
„Порција зачин ја оживува страста“, вели готвачот во едно видео, додавајќи дека јадењето е исто толку популарно како и алкохолот. На клиентите потоа им се служат камења со вкус во кутии со големина на дланка. Секоја порција чини околу 2 долара, според видеото.
„Дали треба да ги вратам камењата откако ќе завршам?“, праша еден клиент во истиот клип.
„Однеси си ги дома како сувенир“, се шегуваше готвачот.
Се верува дека суодиу датира стотици години наназад. Генерациите го пренеле преку својата усна историја, пишуваат локалните медиуми.