ВИДЕО ОД ВОЗДУХ ГО ПОКАЖУВА РАЗМЕРОТ НА КАТАСТРОФАТА: Поплавите во Либија однесоа цели градски квартови, на улиците сè уште лежат тела

Најмалку 5.300 луѓе загинаа, а повеќе од 10.000 се водат како исчезнати откако обилните дождови во североисточна Либија предизвикаа уривање на две брани, по што порој од вода потопи населени места, пишува Си-Ен-Ен.

– Бројот на загинати е огромен , изјави Тамер Рамадан, шеф на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина во Либија.

Министерот за внатрешни работи на источната либиска влада изјави дека загинале најмалку 5.300 луѓе. Овој број не може да се потврди независно.

Најлоша е ситуацијата во Дерна на истокот на земјата, каде околу 6.000 лица се уште се сметаат за исчезнати.

Сцените направени од воздух покажуваат до кој степен бил уништен градот Дерна. Предупредуваме дека видеото може да вознемири некои читатели.

Министерот за здравство во владата на истокот на земјата, Осман Абдулџалил ја нарече ситуацијата „катастрофална“.

Како што вели, поројот однел цели градски квартови. Низ градот се пронајдени мртви тела , а луѓето се обидуваат да ги земат.

Северна Африка не доживеала толку тешки поплави во последните 120 години , а оваа се смета за најсмртоносната.