ВИДЕО | По разорниот земјотрес, и цунами ја погоди Јапонија: Објавени страшни снимки – погледнете ја земјата како “дише“

Десетици згради беа уништени, илјадници луѓе останаа без струја и беше издадено предупредување за цунами во четири региони како резултат на земјотресот со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што во понеделникот ја погоди Јапонија.

Засега има информации за две лица кои загинале во силното тресење на земјата во централните делови и на западниот брег, а спасувачите ги извлекуваат затрупаните под урнатините.

Земјотресот испрати бранови високи околу еден метар долж брегот и властите предупредуваат дека може да следат и поголеми. Јапонската метеоролошка агенција издаде посебно предупредување до регионите Ишикава, Ниигата и Тојама.

Првично беше издадено големо предупредување за цунами за Ишикава, прво по земјотресот во 2011 година, но предупредувањето подоцна беше намалено.

Покрај Јапонија, предупредувања беа издадени и во соседните Северна и Јужна Кореја и Русија.

Јапонската метеоролошка агенција предупреди дека силна сеизмичка активност ќе се почувствува во наредната недела, кога земјата повторно би можел да ја погоди земјотрес со јачина од 7 степени.

Земјотресот во понеделникот уништи десетици згради, десетици илјади луѓе остави без струја и ги принуди жителите на крајбрежните области да се евакуираат на повисоките места.

Во своето обраќање, премиерот на ЈапонијаФумио Кишида, ја предупреди јавноста да се подготви за нови земјотреси.

Ги повикувам луѓето каде што се очекуваат поплави да се евакуираат што е можно поскоро“, предупреди Фумио Кишида, а жителите беа повикани да се евакуираат и преку телевизиски преноси во одредени области во земјата.

Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар соопшти дека земјотресот бил на длабочина од 13 километри, а епицентарот бил на 90 километри северно од Такаока и 47 километри североисточно од Анамику.

Заедно со најсилниот од 7,6, Јапонија за час и половина ја погоди серија од 21 земјотрес со јачина од 4 степени.

На видео-снимката која ја емитува NHK се гледа како зграда се урива во облак од прашина во крајбрежниот град Сузу и жителите на градот Каназава стуткани под масите додека нивните куќи се тресат.

Земјотресот ги потресе и зградите во главниот град Токио на спротивниот брег.

Повеќе од 36.000 домаќинства останаа без струја во регионите Ишикава и Тојама, објавија медиумите.

Јапонскиот нуклеарен оператор соопшти дека не се потврдени никакви неправилности во нуклеарните централи долж Јапонското Море.

Брзите железнички услуги до Ишикава беа суспендирани додека телекомуникациските оператори Softbank и KDDI пријавија прекини на телефонските и интернет услугите во Ишикава и Ниигата, според нивните веб-страници.

Јапонската АНА по земјотресот врати четири авиони кои летаа за аеродромите во Тојама и Ишикава, додека „Japan Airlines“ ги откажа повеќето летови до регионите Ниигата и Ишикава до крајот на денот.