Овој агент сакал да биде вистинскиот Џејмс Бонд, а на крајот станал ‘автор’ на најголемиот разузнавачки скандал во САД – вака Роберт Хансен си играл ‘мајтап’ со агентите на ЦИА и ФБИ!

Роберт Хансен, американскиот федерален агент кој доставувал доверливи американски документи во Москва повеќе од две децении, бил пронајден мртов овој понеделник во ќелијата на затворот „ADX Florence“, еден од најдобро чуваните затвори во светот, каде што издржувал доживотна затворска казна од почетокот на 2000-тите години за велепредавство и шпионажа на САД.

Под алијас Рамон Гарсија, Роберт Хансен ги предупредил руските агенти во 1980-тите години дека американската федерална Влада копа тунел под советската амбасада во Вашингтон, ѝ понудил на Москва план на САД за ескалација на нуклеарна војна и ги разоткрил идентитетите на неколку руски агенти кои доставувале доверливи информации до ЦИА и, поради што биле и егзекутирани. Цена ? Дијаманти, обврзници и 1,4 милиони долари во готовина.

До денес, ФБИ го смета случајот на Роберт Хансен за – „најголем разузнавачки дебакл во историјата на САД“.

Сакаше да биде Џејмс Бонд, но беше навреден што неговата матична агенција го сведе на библиотекар“, изјавил Ерик О’Нил, кој своевремено ја водел истрагата против Роберт Хансен за весникот The Washington Post.

Посветен државен службеник, голем католик, примерен сопруг и татко на шест деца, Роберт Хансен бил префрлен во канцеларијата на ФБИ во Њујорк во раните 1980-ти години. По пристигнувањето на новото работно место, му станува јасно дека во скапиот Њујорк со плата на јавен службеник, ќе биде многу тешко да се прехрани осумчлено семејство, поради што тој стапува во контакт со КГБ деветтиот ден по неговиот трансфер и им го нуди првиот доверлив документ за 100.000 долари – така започнало се.

Роберт Хансен

Откако федералните агенти во средината на 1990-тите години го уапсиле Олдрих Ејмс, друг Американец кој исто така со години шпионирал за Русите, им станало јасно дека во своите редови имаат уште една крт, поради што формирале специјален тим чија единствена задача била да се идентификува предавникот.

ФБИ и ЦИА добиле документ кој ги упатувал на Роберт Хансен, тогаш службеник во канцеларијата за надворешни мисии на Стејт департментот. Тие знаеле дека мора да дејствуваат брзо, бидејќи Роберт Хансен веќе се наближувал до пензија.

Како дел од една поширока стратегија, му понудиле унапредување за да го намамат во сопствената канцеларија, која, се разбира, претходно била добро опремена за следење. Цел месец, повеќе од 300 федерални агенти внимателно го следеле секој негов потег; од моментот кога ја напуштил својата куќа во Ферфакс, Вирџинија, до моментот кога се враќал во неа.

Тие пресретнале информации дека на 18. февруари 2001 година ќе има нова испорака на пакет доверливи информации, во парк недалеку од домот на Роберт Хансен.

Веднаш штом го оставил материјалот внимателно завиткан во најлонска кеса на договореното место, специјалци излегле на терен и го привеле. Во официјалниот извештај за апсење се наведува дека Роберт Хансен многу смирено ја сфатил ситуацијата, крито коментирајќи „колку време им требало да го фатат“.

Вие самите треба да одговарате за невнимание и безбедносни пропусти што ми овозможија да направам кривично дело“, изјавил тогаш Роберт Хансен пред судот на првото рочиште, посочувајќи дека до доверливите информации за националната безбедност и воените тајни дошол преку рутинска постапка, со пропусницата кој тој ја имал како функционер федералната влада; исто како и стотици илјади други Американци.

Веруваме дека не само што беше мотивиран од парите, туку дека навистина уживаше во играта. Знаејќи дека го надмудрил својот работодавец, кој во исто време имал репутација на најдобра шпионска агенција во светот“, тврдат агентите кои учествувале во неговата потера за The Washington Post.

Џон Џеј Хамре, тогашниот заменик-министер за одбрана, тврди дека писмата што Роберт Хансен ги испраќал до КГБ на почетокот на неговата шпионска кариера звучеле како деловни трансакции, додека оние што ги испратил на крајот звучеле како жолчка на огорчен социопат.

Беше гладен за вниманието што мислеше дека го заслужува, но не го добиваше“, објаснил тој.

Роберт Хансен беше осуден на доживотен затвор откако во 2001 година се изјасни за виновен по сите 15 точки од обвинението.