ВИДЕО | Пронајден напуштен длабоко во џунглата: Дали овој Lamborghini Aventador е во најтажната состојба на светот?
Во кабината на валканиот Lamborghini има картонски кутии, додека шофершајбната е скршена на неколку места
Во длабоката дивина на азиската прашума во Мјанмар, пронајден е редок скапоцен камен на автомобилската индустрија – Lamborghini Aventador LP750-4 SV, чија вредност се проценува на околу 400.000 евра.
Овој ултра редок суперавтомобил е пронајден во запуштена и оштетена состојба, покриен со прашина и оставен да скапува во отпад.
На видеото објавено на Инстаграм, како и на Редит , може да се види како овој неверојатен автомобил, со максимална брзина од 350 км/ч, лежи со скршени стакла и парчиња стакло низ целата внатрешност. Внатре во возилото има картонски кутии, додека ветробранското стакло е скршено на неколку места.
Lamborghini Aventador LP750-4 SV е врвен спортски автомобил со импресивни перформанси, забрзување од 0 до 100 km/h за само 2,8 секунди и моќност на моторот од 750 КС. Бидејќи постојат само 600 примероци од овој редок автомобил, љубителите на брзи автомобили беа збунети како тој заврши во таква жална состојба.
Според шпекулациите, сопственикот на ова заборавено Ламборџини припаѓа на едно од најбогатите семејства во Мјанмар, кои наводно своето богатство го стекнале со нелегални активности. Наводно, криминалната група од Мјанмар, составена од четири семејства, се занимавала со интернет измами и шверц на дрога во големи размери, а нивните активности биле покриени од локалната војска.
Кон крајот на 2023 година, „Армијата на демократската алијанса на мјанмарските националности“ (МНДАА), наводно, го разбила криминалниот синдикат, конфискувајќи го имотот во процесот, во кој најверојатно е вклучено и пронајденото Ламборџини.
Додека гледачите на видеото брзо шпекулираат за околностите кои доведоа до напуштање на автомобилот, што се случи со него откако е откриено останува мистерија.