ВИДЕО Русите оставија зад себе пустош: Драматична снимка од дрон покажува како изгледа еден украински град по агресијата
Градот Вовчанск, некогаш раздвижена заедница од 20.000 луѓе, е претворен во град на духови со постојаното бомбардирање. Останаа само „грст жители“, заробени во воена зона со намалени резерви и ограничен пристап до основните услуги
Градот Харков и околните области во североисточна Украина се главна руска цел од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. И покрај немилосрдното гранатирање и напади, и поради цврстината и храброста на Украинците, градот останува во украински раце.
Оваа година дојде до ескалација на борбите околу Харков, а Русија започна нова офанзива на почетокот на мај 2024 година. Украинските сили се обидуваат да го спречат рускиот напредок, а меѓу најранливите места се Липци и Вовчанск. Илјадници луѓе се евакуирани од регионот, а цивилите се во очајна положба.
Градот Вовчанск , некогаш раздвижена заедница од 20.000 луѓе, е претворен во град на духови со постојано бомбардирање. Останаа само „грст жители“, заробени во воена зона со намалени резерви и ограничен пристап до основните услуги, пишува украинската добротворна организација Разом. Деновиве беа објавени и снимки со дрон од градот Вовчанск, а снимените сцени се прилично шокантни. Од градот остана само изгорена земја, а улиците се морничаво празни.
Инаку, јужно од опустошениот Вовчанск се наоѓа Липци, место со приближно 4.500 луѓе. Иако не е толку силно бомбардиран како Вовчанск, судбината на Липци е исто толку брутална. Селото беше окупирано од Русија во раните денови на војната, а потоа повторно заземено од Украина подоцна во 2022 година. Меѓутоа, со обновената офанзива, Липци повторно се најде во жешката зона. Тамошните жители се соочуваат со обновено гранатирање или евентуална втора окупација.