ВИДЕО | СНЕГ ЦЕЛОСНО ЈА ПАРАЛИЗИРАШЕ РУСИЈА – Измерени -50 степени Целзиусови, сообраќајот блокиран

Температурите во делови од Сибир паднаа до минус 50 степени Целзиусови, додека снежните виулици ја прекрија Москва со рекордни снежни врнежи и многу летови беа одложени или откажани.

Во Република Јакутија (дел од Руската Федерација), лоцирана во североисточниот дел на Сибир и дом на Јакутск, еден од најстудените градови во светот, температурите паднаа под минус 50 степени Целзиусови, според метеоролошките станици во тој регион.

Поради невообичаено рано заладување, температурите се и пониски од минус 50 степени Целзиусови во неколку области на Јакутија. Речиси цела Јакутија е во зоната на вечниот мраз. Во главниот град на регионот, Јакутск, кој се наоѓа на околу 5.000 километри источно од Москва, температурата беше околу минус 44 степени до минус 48 степени.

Температурите од минус 50 степени станаа поретки во последниве години поради климатските промени, а вечниот мраз покажува зголемени знаци на одмрзнување. Во руската престолнина, некои од најлошите снежни виулици што некогаш биле видени предизвикаа затварање на некои аеродроми во понеделникот, а пистите беа покриени со густ снег, како изгледа тоа можете да погледнете ОВДЕ.

Најмалку 54 летови беа одложени, а уште пет откажани. Температурите во Москва се предвидува да се спуштат до околу минус 18 степени Целзиусови подоцна во текот на неделата.