ВИДЕО | Со видео како од акционите филмови Оливер Спасовски упати честитка  до сите учесници во Оперативната акција “ОБСЕ 2023”

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, упати честитки и изрази на почит кон сите учесници во Оперативната акција „ОБСЕ 2023”, востановена по повод највисокиот меѓународен настан – 30. Министерски совет на ОБСЕ – чиј домаќин беше Република Северна Македонија.

Исполнувајќи ги своите работни задачи околу безбедно одржување на овој самит во изминатите три дена и покажувајќи ја својата врвна подготвеност да одговорат на безбедносните барањата за највисок настан кој донесе на едно место 70-тина високи странски делегации, полициските служби на МВР ја одиграа улогата на најдобри амбасадори на својата земја и уште еднаш на дело покажаа зошто е прогласена за најбезбедна земја во регионот“, порача Оливер Спасовски во објава на социјалната мрежа Фејсбук.

Почитувани колеги, продолжува Оливер Спасовски, од Одделот за заштита на определени личности и објекти, како логични носители на активностите, тимови на СВР Скопје, на униформираната полиција од сите сектори за внатрешни работи, припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за гранични работи, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за воздухопловни единици, претставници од организациските единици од МВР, уште еднаш покажавте дека сте врвно подготвени, посветени, вредни и ангажирани, комплетно обучени да ја одржувате безбедноста на највисоко ниво.

Вие сте нашата гордост, нашето спокојство и нашиот влог во иднината на татковината. Немаше миг да не го изразам моето уверување дека вие сте гарантот за безбедноста на сите светски делегации кои дојдоа тука, во Скопје, а воедно да го обезбедите и нормалното функционирање на граѓаните во метрополата во овој период. Работевте како од вас да зависи сѐ, а соработувавте како партнери со сите институции на државата вклучени во организацијата и реализацијата на овој висок настан. Затоа што сте врвно обучени дека сте тука за да ја чувате безбедноста на државата и граѓаните, но и на секој патник – намерник кој дошол во неа со убава намера, да ја претставите државата во најдобро светло, што е во интерес на секој наш граѓанин, и да покажеме дека навистина можеме сите заедно да бидеме гостопримливи, а со висок капацитет на одговорност“, нагласува Оливер Спасовски.

Посебно сум среќен, продолжува во честитката Оливер Спасовски, што ја оправдавте укажаната доверба да бидеме домаќини на Самитот на ОБСЕ. Ова е признание за вас, за вашата посветеност на службата, признание за сите нас, за сѐ што како Република Северна Македонија сработивме во изминатата година, за време на претседавањето со ОБСЕ, но и во годините пред неа, кога покажавме дека прифаќањето на дијалогот е најдобриот можен начин за решавање на споровите и за одење напред. 

Се гордеам на покажаното високо ниво на кредибилитет. Преку него го отсликавте високиот степен на демократски вредности на нашата татковина, ги исполнивте високите очекувања кои беа изнесени пред нас. Вие, заедно со нашите граѓани, сте моќта на Северна Македонија“, нагласува Оливер Спасовски.

Видеото што го сподели министерот за внатрешни работи на социјалната мрежа Фејсбук можете да го погледнете ОВДЕ.