ВИДЕО | СПЕКТАКАЛ ВО ЛОНДОН – Манчестер Сити го совлада градскиот ривал Јунајтед во финалето на ФА Купот! Илкај Гундоган испиша историја и постави нов рекорд – погледнете
Фудбалерите на Манчестер Сити се победници на 142. издание на најстарото фудбалско натпреварување во светот, англискиот ФА Куп, во финалето одиграно на „Вембли“ го совладаа градскиот ривал Манчестер Јунајтед со конечен резлутат од 2:1.
ПОГЛЕДНЕТЕ ГИ СИТЕ ГОЛОВИ ТУКА.
Херој на „Граѓаните“ беше капитенот на Манчестер Сити, Илкај Гундоган, кој ги постигна двата гола за својот тим, додека стрелец за Манчестер Јунајтед беше капитенот на тимот Бруно Фернандеш.
Илкај Гундоган го доведе Манчестер Сити во водство по само 13 секунди игра и на тој начин го постигна најбрзиот гол во историјата на финалето на ФА Купот, погоди фантастичен удар од 20 метри во горниот лев агол на Давид Де Хеа, кој немаше време ниту да реагира на тој проектил.
Манчестер Јунајтед израмни од пенал во 33. минута, кој Бруно Фернандеш безбедно го изведе. Претходно Гралиш невнимателно играше со рака во својот шеснаесетник во дуелот со Ван-Бисак.
Во вториот дел беше постигнат само еден гол и тоа во 51. минута. Де Брујн изведе слободен удар од десната страна до работ на шеснаесетникот, каде се наоѓаше Гундоган, кој од околу 18 метри „заби“ низ шума од нозе и топката се најде во долниот десен агол.
За Манчестер Сити ова е седма титула освојувач на ФА Купот, а како што претходно ја обезбеди титулата шампион на Англија, тимот од „Етихад“ по втор пат во својата историја ја освои двојната круна во Англија. За прв пат тоа и успеа во 2019 година.