ВИДЕО | Средби на Урсула фон дер Лајен со Александар Вучиќ, Албин Курти и Марчел Чолаку: “Западниот Балкан да се доближи до ЕУ“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вечерва во Атина имаше билатерални средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерите на Косово и на Романија, Албин Курти и Марчел Чолаку.
Како што објави Урсула фон дер Лајен на социјалната мрежа Х (Твитер), со српскиот претседател Александар Вучиќ разговарале за потребата од конструктивен ангажман за деескалација на ситуацијата на северот на Косово и за напредокот на Србија на нејзиниот пат кон ЕУ.
„Поблиската интеграција меѓу ЕУ и Западен Балкан е од витално значење, особено во услови на руската војна против Украина“, наведе Урсула фон дер Лајен во објавата на Х.
Потребата од деескалација на тензиите на северот на Косово, како и обновата на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ и спроведување на договорите за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, биле теми на разговор на средбата на Урсула фон дер Лајен со косовскиот премиер Албин Курти.
„Од витално значење е да се урнат бариерите во регионот и Западниот Балкан да се доближи до ЕУ“, наведе таа во објавата на Х по средбата со Албин Курти.
Со романскиот премиер Марчел Чолаку, Урсула фон дер Лајен разговарала за поддршката за Украина, за виталната улога на Романија во преносот на житни култури од Украина на светските пазари, како и за планот на Европската комисија за закрепнување наречен – „Следна генерација ЕУ“.
„Исто така, повторно ја нагласив мојата целосна поддршка за пристапувањето на Романија во Шенген зоната“, наведе Урсула фон дер Лајен, оценувајќи ја средбата со Марчел Чолаку како „многу добра“.
Средбите на Урсула фон дер Лајен со Александар Вучиќ, Албин Курти и Марчел Чолаку се одржаа пред неформална вечера што вечерва во Атина ја организира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за лидерите од земјите од Западниот Балкан и членките на ЕУ од регионот на која присуствува и премиерот Димитар Ковачевски.
На неформалната вечера организирана по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ- Западен Балкан и „Декларацијата од Солун“, присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателите на Молдавија и на Црна Гора, Маја Санду и Јаков Милатовиќ, како и премиерите на БиХ – Борјана Кришто, на Бугарија – Николај Денков и на Хрватска – Андреј Пленковиќ.