– Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, придружуван од Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, Методија Димовски, денеска во Њујорк се сретна со потсекретарката на Обединетите нации(ОН) и извршна директорка на Програмата за животна средина на ОН, Ингер Андерсен.
Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот вицепремиерот Битиќи ги истакнал приоритетите кои Владата ги има поставено во делот на зачувувањето на биодиверзитетот, за што заеднички било оценето дека прогласувањето на Шар Планина за Национален парк е еден од поголемите успеси.
Извршната директорка на УНЕП, Андерсен нагласила дека регионалната соработка и поврзувањето се важни во остварувањето на ефективни резултати во борбата со климатските промени.
-Климатската криза не е предизвик со кој може да се справи сам еден чинител. Таа бара мобилизација и синхронизирано делување на сите актери кои се засегнати. Целите за одржлив развој, за кои се дискутираше на годинешниот Самит за одржлив развој во Обединетите нации, не се листа на желби. За нивното имплементирање потребно е да се пронајде покохерентен начин на соработка, истакнал вцепремиерот Битиќи, притоа дополнувајќи дека преку Националната развојна стратегија остварувањето на овие цели ќе бидете поставено високо на агендата на Владата.
Битиќи и Андерсен разговарале и за можностите за продлабочување на соработката во делот на зајакнувањето на климатската отпорност на инфраструктурата во Северна Македонија. Во оваа насока, било најавено дека климатската отпорност на инфраструктурата до крајот на годинава ќе биде тема на разговор на највисоко ниво и со Европската инвестициска банка.
На состанокот Андерсен најавила дека тим на УНЕП ќе биде испратен во Северна Македонија со цел да се направат дополнителни анализи во делот на климатската отпорност на инфраструктурата.
Вицепремиерот Битиќи и директорката Андерсен заеднички оцениле дека е потребно акредитирање на Северна Македонија во УНЕП, со што би се отвориле нови можности за продлабочување на соработката во делот на борбата против климатските промени.