Владата на денешната седница донесе Одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало и тоа на свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони.
Како што соопшти владината Прес-служба, највисоките цени на овие производи во трговијата на мало се утврдуваат во висина до 70 денари за килограм свежи домати, до 75 денари за килограм свежи краставици, до 60 денари за килограм кромид, до 70 денари за килограм карфиол, до 90 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 75 денари за килограм грав, до 110 денари за килограм леќа, до 70 денари за килограм банани, до 55 денари за килограм портокали, до 60 денари за килограм мандарини и до 55 денари за килограм лимони.
– Највисоките цени на производите посочени во оваа Одлука, во трговијата на мало, ќе се применуваат и на зелените пазари и тоа од 5 април 2023 година до 30 април 2023 година, а Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.
Во образложението на ваквата Одлука, нејзиниот предлагач, Министерството за економија, посочува дека според членот 29 став 1 алинеја 3 од Законот за трговија, Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата, во случај нарушување на домашниот пазар, заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки.
– Согласно наведеното, врз основа на членот 30 став 1 алинеја 2 од Законот за трговија, Владата може да ги определи највисоките цени за одделни производи и услуги во производството и прометот, се додава во образложението.