Владата на Косово донесе одлука за враќање на земјиштето на манастирот „Високи Дечани“

– Владата на Косово денес ѝ наложи на Косовската катастарска агенција да ја спроведе одлуката на Уставниот суд на Косово за враќање на 24 хектари земјиште на манастирот „Високи Дечани“ затоа што тоа е услов за прием на Косово во Советот на Европа.

На седницата на Владата, косовскиот премиер Албин Курти рече дека одлуката за регистрација на манастирското земјиште е донесена затоа што тоа е услов за прием на Косово во Советот на Европа.

„За да постигнеме многу поголема цел што ѝ ја должиме на државата и која отвора досега невидени можности, мора внимателно и одговорно да направиме чекор напред како независна и суверена држава. Затоа денес ѝ кажавме на Катастарската агенција на Косово да ја спроведе одлуката на Уставниот суд“, рече Курти.

Тој истакна дека Владата на Косово се соочила со две опции, да го исполни овој услов и Косово да биде примено во Советот на Европа или да остане без членство. Како што рече, одлуката за манастирското земјиште и понатаму ја смета за штетна, но приемот на Косово во Советот на Европа би бил историска победа.

Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој денес ја започна дводневната посета на Косово, ја поздрави одлуката на Владата на Косово во врска со манастирот „Дечани“.

„Денешната одлука за манастирот е многу важна. Тоа беше тежок, но неопходен чекор. Им благодариме на институциите на Косово за овој чекор“, рече американскиот пратеник по состанокот со претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Меѓународните партнери на Косово, САД и ЕУ, постојано константно го повторуваа повикот до Владата на Косово целосно и итно да спроведе законска регистрација на земјиштето на манастирот „Високи Дечани“.

Во мај 2016 година Уставниот суд на Косово ја потврди сопственоста на над 24 хектари земјиште на манастирот „Високи Дечани“, Српската православна црква. Сите претходни косовски влади одбиваа да ја спроведат таа одлука, сметајќи ја за штетна и политичко наследство на српскиот режим на Слободан Милошевиќ.