Израел призна дека убил Палестинец кој носел велосипед, а не ракетен фрлач

Израелската армија призна дека Палестинецот што го убиле со беспилотно летало во областа Зејтун во северниот дел на Појасот Газа, објаснувајќи дека „носел ракетен фрлач“, всушност носел велосипед.

На 3 март, израелската војска објави снимка од беспилотно летало на која се гледаат две лица што се движат меѓу урнатините во Зејтун, а кои биле цел поради наводно носење ракетен фрлач.

Портпаролот на израелската армија призна дека Палестинецот кој беше убиен не носел ракетен фрлач, туку носел велосипед.

Истакнувајќи дека споменатиот регион е бојно поле и дека воените единици воделе многу судири со вооружени лица поврзани со Хамас, портпаролот рече дека областа била извидувана со дронот бидејќи претходно таму имало вооружени лица кои шверцувале оружје или извршувале напади.

Портпаролот се извини за „погрешниот заклучок“, тврдејќи дека израелската војска го идентификувала лицето на велосипедот како некој што носи ракетен фрлач и дека одлуката за напад е заснована на моменталната проценка на ситуацијата.

Портпаролот изјави дека инцидентот е проследен до надлежната единица која истражува вонредни ситуации.