Владата на Полска усвои резолуција за загубите што државата ги претрпела поради германскиот напад во 1939 година и за време на окупацијата

– Полската Влада усвои резолуција за потребата од решавање на прашањето за репарација и компензација. Резолуцијата се однесува на загубите што Полска ги претрпе поради германскиот напад врз државата во 1939 година и подоцна за време на германската окупација, соопштија од кабинетот на премиерот во Варшава.

Резолуцијата на Советот на министри формално потврдува дека ниту за време на Народна Република Полска, ниту по стекнувањето на суверенитетот во 1989 година, прашањето за репарација, компензација, обесштетување и други облици на компензација за штетата предизвикана на Полска и на Полјаците за време на Втората светска војна не е затворено, се вели во соопштението.

„Документот е правен акт обврзувачки за другите органи, кој го потврдува недостигот на регулатива во форма на меѓународен договор меѓу Република Полска и Сојузна Република Германија, прашањето за надомест на штета предизвикана од Германија во текот на Втората светска војна, како и потребата од склучување таков договор“, се додава во соопштението на Владата.

Како што се додава, полската Влада на 1 септември 2022 година го објави „Извештајот за претрпените загуби од Полска како резултат на германската агресија и окупација за време на Втората светска војна 1939-1945 година“, кој ги опфати сите аспекти: човечки, финансиски, материјални, загуба на културно наследство и воени штети. Вкупната вредност на загубите беше проценета на 6,22 трилиони злоти или 1,53 трилиони долари.

Резолуцијата ќе помогне за дефинитивно завршување на дискусиите за наводното откажување на Полска од репарациите и компензациите на Германија, се додава во соопштението.