Владата на седница ја разгледа оставката на генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски

Владата денеска на седница ја разгледа оставката на генералниот директор на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски и му препорача на Надзорниот одбор на претпријатието да ја констатира оставката.

За нов генерален директор на АД ЕСМ е предложен Васко Стефанов, а за нова директорка за финансиски работи Марија Пејкова која доаѓа на местото на Добрила Стефанова, која заминува во пензија. 

Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела на прес-конференција соопшти дека генералниот директор на АД ЕСМ поднел оставка од лични причини.

Ковачевски ме информираше дека заради лични причини поднесува оставка од генерален директор во АД ЕСМ. Разговаравме уште минатата година, заради големите работни обврски сака да се посвети на семејството. Утрово усмено до мене достави оставка, ќе биде усвоена на следната седница на Владата. Од Владата ќе биде препорачано нов директор да биде избран Васко Стефанов, менаџер по техничка логистика, со големо искуство“, изјави премиерот.

Досегашниот генерален директор на АД ЕСМ, како што самиот изјави на прес-конференцијата, останува да работи во компанијата.