Портокаловото ниво на опасност од високите температури ќе биде активно од денеска до крајот на следната недела. Температурите ќе надминат 40 Целзиусови степени и, според синоптичарите, се очекува да достигнат 43 Целзиусови степени следната недела.
Владата одржа итна седница на која доби препораки кои ќе стапат на сила од утре до 18-ти идната недела. Препораките предвидуваат ослободување на бремени жени и лица постари од 60 години, како и забрана за вршење на физички активности и изложување на децата на сонце од 11:00 до 17:00 часот.
„Исто така, во истиот период, работодавачите треба да ги организираат работните активности на градежните работници и оние кои работат на отворено, со цел да се избегне изведување на градежни работи и други физички активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот“, наведуваат од Владата.
Од службите за итна помош известуваат дека во Скопје е забележано зголемување на бројот на колапси на јавни места и на работните места на граѓаните. Дневно се изведуваат до 90 интервенции, а најголем дел од нив се поврзани со високите температури.
Препораки за заштита од високи температури има и од Институтот за јавно здравје. Тие препорачуваат граѓаните да носат шише вода со себе, да носат светла облека и да носат капи или чадори.