Владата ја одобри новата стратегија за конфискација на нелегален имот

Владата, на денешната владина седница, ја одобри Стратегијата за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025-2028 година, заедно со нејзиниот Акциски план, објави вицепремиерот задолжен за политиките за добро управување, Арбен Фетаи.

Овој документ, како што се наведува во него, ја одразува непоколебливата посветеност на Владата во борбата против организираниот криминал и корупцијата, преку зајакнување на одговорните институции преку структуриран и систематски пристап, кој има за цел да ја зголеми ефикасноста во конфискацијата на нелегалниот имот.

„Борбата против корупцијата и организираниот криминал останува главен приоритет на Владата. Поради оваа причина, обезбедувањето услови и зајакнувањето на институционалните капацитети за финансиски истраги и конфискација на нелегално стекнат имот е во центарот на нашите напори. Поради оваа причина, ги зајакнуваме механизмите за следење и надзор, преку формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, што ќе обезбеди успешно спроведување на поставените цели“, нагласи Фетаи.

Тој, исто така, најави дека неговиот кабинет ќе игра централна улога во координирањето и поддршката на овие напори, обезбедувајќи континуирана посветеност на спроведувањето на оваа стратегија.