Владата денеска преку соопштение соопшти дека економијата и’ е приоритет и дека буџетот за 2025 година ветува повисоки плати, инвестициски бум, силен економски развој и подобар квалитет на живот на граѓаните. Посветена е, како што информира владината прес-служба, на економска трансформација и ветува раст на БДП, но и нови странски директни инвестиции кои ќе генерираат раст и развој.
„Буџетот за 2025 година е развоен и ветува повисоки плати, инвестиции и економски развој на државата. За 2025 година Владата се залага за целосна трансформација на Македонија и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Приоритет и цел е обезбедување поквалитетен живот за сите граѓани, иднина и просперитет на Македонија“, се вели во соопштението на Владата.
За ова, додаваат, во буџетот за 2025 година предвидуваме средства за зголемување на пензиите. Со ова предвидуваме 105 милијарди денари за пензии, односно 2500 денари повисоки пензии во март за пензионерите. Со ова го исполнуваме ветувањето за повисоки пензии за над 330.000 пензионери. Исто така, за исплата на платите се предвидени 48 милијарди денари во висина и 2 милијарди дополнителни блок дотации за зголемување на платите во образованието. За поддршка на ранливите категории предвидуваме 14,5 милијарди денари, додека за здравство обезбедуваме 5,2 милијарди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари.
Од Владата посочуваат и дека во буџетот за 2025 година е предвидено зголемување на платите на работниците во образованието и наставниците, како и зголемување на платите во здравството, здравствените работници и медицинскиот персонал.
Потенцираат дека работат посветено и одговорно за економијата и дека веќе дале 250 милиони евра, како што велат, за инвестициски бум во општините за изградба на училишта, градинки, патна и водоводна инфраструктура.
„Алатките што ги ставаме на располагање преку банките во форма на супер евтини кредити, односно со каматна стапка од 1,95 отсто, до три години грејс период и до 15 години рок на плаќање во зависност од потребите на компаниите. Тоа значи дека ќе имаме бран инвестиции од можеби 800 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги инвестираат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во капацитети за нивните потреби, како и да учествуваат во проекти кои ќе ги инвестираат општините.
Посветени сме, нагласуваат од Владата, на граѓаните за економска трансформација и ветуваме зголемување на БДП, но и нови странски директни инвестиции кои ќе генерираат раст и развој.
„Истовремено подадевме рака за дијалог со синдикатите и работодавачите, за заедно да носиме одлуки во интерес на граѓаните. Нашата заложба и политика е да создадеме иднина за сите, да донесеме промени и да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат. Економијата е наш приоритет“, се вели во соопштението.