Владимир Путин предложи Украина да ја води привремена влада која би организирала избори и би потпишала клучни договори за да се заврши војната
Владимир Путин предложи Украина да ја води привремена влада која би организирала избори и би потпишала клучни договори за да се заврши војната, објавија руските медиуми.
При посетата на северното руско пристаниште Мурманск, Путин го повтори својот став дека актуелните украински власти не се легитимен преговарачки партнер зашто мандатот на претседателот Володимир Зеленски е истечен во мај 2024.
„Би можела да се воведе привремена администрација во Украина под покровителство на Обединетите нации, САД, европските земји и нашите партнери. Ова би било со цел да се одржат демократски избори и да се донесе на власт способна влада која ја ужива довербата на народот и потоа да започне разговори за мировен договор“, кажа Путин.
Тој додаде дека напорите на Трамп да продолжи со директни разговори со Русија, за разлика од неговиот претходник Џо Бајден, кој избегнуваше контакти, покажаа дека новиот претседател на САД сака мир.
„Според мене, новоизбраниот претседател на САД искрено сака крај на конфликтот од повеќе причини“, кажа тој.
Коментирајќи го предлогот на Путин, портпаролот на Советот за национална безбедност на САД кажа дека владеењето во Украина е определено од нејзиниот устав и народот на земјата.
Зеленски досега ги отфрлаше сите изјави кои го доведуваа во прашање неговиот легитимитет, велејќи дека во Украина со закон е забрането да се одржуваат избори во услови на воена состојба. Тој во последниве денови постојано го обвинуваше Путин дека нема сериозни намери да запре со борбите и дека само купува време.